Wednesday, April 30, 2008

Ганц „Нова Македонија“ со краден дизајн!


Па, зошто и да не се пофалиме малку во стилот на Латас (ебаси му го имиштето, што би рекол прадедо ми)!?

Имено, тоа што на 1 февруари го најави Бележник, денеска стана реалност. Екипата што до почетокот на февруари го правеше весникот Време во топлите јасли на Велија Рамковски, кои наеднаш за нив станаа неподносливи, од денеска официјално го подготвува весникот Нова Македонија.

Ми се допаѓа идејата најстариот новински бренд во Македонија да добие нов живот и редакција каква што заслужува името што го носи и верувам дека со оваа инкарнација тоа ќе се случи, независно дали уредувачката политика ќе влече налево или надесно.

Од она што успеав да го видам на минување, ми се допаѓа четивото и тоа што редакцијата се обидува да ги реактивира некогашните препознатливи рубрики и прилози на весникот.

Од друга страна, весникот добил нов дизајн, проширен број страници (40), 12 страници во боја.

Но, има и една дебела контраверза - уште кога ги видов билбордите што го најавуваа излегувањето на новата инкарнација на весникот, дизајнот ми се допадна, но ми се виде нешто познат. Се сетив. Погледнете - апла украден од Гардијан:

Friday, April 25, 2008

Амнезија во Шпиц


Нема потреба од многу зборови во овој пост, само ќе ви кажам дека насловната страница лево е од 25 април 2008, а насловната десно е од 10 април 2007. Уредниците забораиле дека таа фотографија веќе одела како насловна фотографија за Велигден минатата година.


П.С. Ако некој ве праша што е фотографска меморија - бујрум, еве ви пример!

VIP царува!

Ги видовте ли денешните насловни страници на Шпиц, Време и Коха? Видовте ли кој е газда на насловните страници денеска, особено ако се земе предвид дека денеска излегоа само весниците на Велија Рамковски?

Колку и да му изгледа некому контраверзна, ми се допаѓа идејата насловните страници да се нудат на продажба во целост, па кој сака - бујрум, нека си ја купи и нека си објави реклама. Идејата како понуда првпат ја видов разгледувајќи го ценовникот за реклами на хрватскиот бесплатен весник Метро Експрес, но, сепак бев изненаден кога идејата првпат ја видов на дело, во едно од декемвриските изданија на белградска Политика во 2007 година (и таму насловна откупена од телефонскиот оператор VIP).

И, зошто да не?

Добро е барем за промена, барем малку да не’ олабават од стандадрни наслови како Охрид полн и без Грците или Скопје е најопасен град за живеење (во денешно Време). Зар не би им простиле на огласувачите ако за едно вртење страница ви ја одложат битната информација дека во денешен Шпиц имате интервјуа со Павле Трајанов и Лилјана Поповска. Секако, на вистинската насловна страница, на пример во Време, веднаш зад корицата со реклама на VIP ќе ве пречекаат вечитите реклами како Кубус (ако некој досега разбра што е тоа, го молам нека ми пише во коментар!), или информацијата со која Владата утупи дека од 1 јануари следната! година Дирекцијата за храна ќе почнела да го контролира применувањето на HACCP (ако случајно сте прифатиле да комуницирате со државата преку кратенки, па веќе знаете што е тоа!?).

И да е контраверзно, сепак ми се допаѓа. Нека не’ олабават малку!

Saturday, April 12, 2008

Собраниски канал

Го видов Тоше во блок музика за време на пауза на ТВ-пренос од седница на Парламентот .

Наеднаш, се фатив себеси како самиот со себе, пцујам и фрлам клетви:

- Да ти ебам светот.., да ти ебам бедата! Да ти ебам и ВМРО и СДСМ и се’ по список, бедотии едни! Имаше во него љубов и чистота повеќе од сета ваша беда и примитивност заедно, и над тоа! Ебате животот!


П.С. Немам ништо против Собранието како хардвер, како идеја - го почитувам! Но, ми се повраќа од софтверот што е инсталиран во него - џанк најмизерен!

Tuesday, April 8, 2008

Образовна програма

Немам ништо против емисијата Опуштено на Тони Михајловски и на другар му (нека ми прости, никако да му го запамтам името), што се емитува во недела на Сител, но не можам да ја сфатам идејата за време на емитувањето на програмата во студиото да има и публика.

Ќе се соберат домаќините и два-тројца гости и си муабетат на разни теми, а публиката си слуша, си слуша.. па одвреме-навреме ќе ја повикаат да аплаудира.. - и така.

Што да кажам - изборот е нивни, нека дојдат, нека гледаат, нека слушаат, нека аплаудираат, само не можам да сфатам за кого е наменета емисијата, што сака да им пренесе програмата на гледашите и на што аплаудира публиката.

Последниот пат кога гледав Опуштено, на пример, гости беа Игор Џамбазов и Миленко Неделковски, а муабетот, ако добро ги разбрав, се вртеше околу искушенија низ кои поминале во животот.

Така, еден голем дел од разговорот му беше посветен на нивното коцкарско искуство, и, ако добро разбрав, на нивните падови во животот, од кои се издигнале како Феникси. И така - Џамбазов ќарил некој комар - публиката аплаудира. Миленко врзал некому машна - публиката аплаудира.

Но сето тоа беше мачји кашаљ во споредба со аплаузите што ги заслужи блокот во кој гостите и домаќините се восхитуваа на коцкарските вештини на Џаро - како некогаш влегол без пари во коцкарница во Белград , а излегол полн пари, вложувајќи клуч од лифт како да е клуч од Фолксваген Џета..

Јеби га, можеби сум конзервативен, па не можам да сфатам дека тоа е либерално видување на образовна програма, којзнае!?


Thursday, April 3, 2008

Македонија во САД!?

Можеби ќе речете дека предлогот е контраверзен, можеби ќе го наречете инфантилен или далеку од умот, но мислам дека е потребно еднаш јавно да се постави ова прашање.

Веројатно не сум единствениот Македонец по род, државјанин и жител на Република Македонија, кој многупати до сега чул размислување дека најелегантното чаре за опстанокот на државата и идентитетот на Македонците е Република Македонија да стапи во сојуз со Соединетите Американски Држави или да стане 52-та држава на САД.

По повод случувањата на самитот на НАТО во Букурешт, впечатокот дека е се’ поизвесно дека Грција, па и Бугарија, ќе ги блокира македонските аспирации за интегрирање во НАТО и во ЕУ се’ додека не се откажеме од идентитетот, го барам вашето мислење дали би поддржале референдум на кој државјаните на РМ би се изјасниле на прашањето „Дали сте за стапување на РМ во државен сојуз со Соединетите Американски Држави?“.

Со почит,

Оној што доаѓа.

Wednesday, March 5, 2008

Дај, Синиша, не зезај!

Иако речиси секојдневно како водител се јавува победничката на мојот избор за извештаченост во изведбата, Лилица Китановска, речиси секојдневно ги слушам утринските вести на Гласот на Америка (VOA) што се емитуваат во 9 наутро на Канал 77 . Но овојпат темата ми е Синиша Станковиќ, новинар со долгогодишно искуство на македонската медиумска сцена.

Немам никакви забелешки на квалитетот на прилозите што ги испраќа за вестите на Гласот на Америка како дописник од Скопје - но не можам, како слушател да не протестирам на квалитетот на тонот на тонските изјави што ги вградува во нив.

За споредба, тонот на изјавите што се емитуваат од Вашингтон и изјавите од прилозите на Станковиќ се разликуваат како глас снимен со дигитален рекордер и врвен микрофон и глас чуен на батериски транзистор со подиспразнети батерии, купен за 100 денари на Зелено пазарче. Така утрово звучеа, на пример, изјавата на Џорџ Буш во прилогот од Вашингтон и изјавата на Антонио Милошоски испратена од Скопје, која звучеше како да ја снимил од звучникот на домашниот телевизор додека гледал вести на некоја од скопските телевизии.

Thursday, February 28, 2008

Леси се врати дома

Таман помислив дека врз моето маало се спуштила некоја поведра аура, резимирајќи дека месец-два живеам во опкружување што е 100% Velija free - еве ти беља: Велија се вратил на Телекабел!


Но, и покрај фингираниот граѓански бунт и брдото обвинувања на сметка на кабелскиот оператор објавени во неговите медиуми, Леси реши да се врати дома, откако виде дека клиентите на Телекабел веќе заборавија дека постои неговата телевизија и покрај разните совети на кој оператор да се префлите или - како за 30 денари да си купите разделник, со кој ќе можете истовремено да ги гледате и А1 (терестријално) и програмите од кабелска.


Но, падот на рејтингот, бездруго значи и пад цената на рекламниот простор на телевизиите, што, секако, е доволна причина земјоделскиот лидер со остри гестикулации да си ја преиспита одлуката ко попче, како што не додржа долго, па по недела-две се пишмани и повторно почна да објавува владини реклами во весниците, и покрај тоа што јавно и надмено се откажа од нив.


Ексик. Тоа ти е. Останува уште да видиме до кога ќе не’ остави 66,66 % Velija free и кога повторно ќе почне да ги дистрибуира Време и Шпиц во бакалниците што не прифатиле да бидат дел од ланецот Хедис.

Thursday, February 21, 2008

Секирации

Можеби рејтингот не им е висок колку рејтингот на информативните билтени на другите телевизии, но некако посебно симпатични ми се вестите на Телма, со стариот или со новиот визуелен дизајн - се’ едно.

Не дека нешто посебно ми се атрактивни содржините и не дека нешто многу им се разликува агендата од вестите на другите - моето срце најмногу го пленија самите водители, со нивното држење додека си ја вршат работата.

Кога подобро ќе подразмислам, мојата љубов кон нив наједноставно би се нарекла - емпатија, гледајќи колку се насекирани, небаре светот пропаднал - просто, чувствувате како нешто ве стега помеѓу градите и гркланот.

Погледнете ја оваа палета од насекирани водители - и, за секој случај, земете си по едно марамче.

Thursday, February 7, 2008

Колумните во Вест

Една од работите што ми се допаѓаат кај Вест е односот на весникот кон коментирањето и начинот на кој редакцијата ги пласира ставовите и мислењата. Главно тоа се прави преку провокативните наслови и насловни страници и преку единствените, ДВЕ колумни, кои се објавуваат само во саботното издание на весникот.

Колумната „Сакам да кажам“, чиј автор е главниот уредник Горан Михајловски, е успешен пример за луцидно и инвентивно коментирање на дневно-политичките настани што се случиле во седумте дена меѓу двете изданија на весникот и е одличен контрапункт на давеж-коментарите на луѓето од колумнистичката естрада, што се објавуваат во саботните изданија на другите весници. Од друга страна, Сакам да кажам е одлична поткрепа на слоганот на весникот: Читај и мисли слободно.

Приказна за себе е втората колумна во весникот, Евтини приказни на Биљана Секуловска. Единствениот коментар за неа би бил: Вест има две колумни - Сакам да кажам и Сакам речам, незнам кажам.

Monday, February 4, 2008

Рамбо Амадеус напишал песна за Латас!?

Ексклузивно во Бележник!



Како што ексклузивно дознаваме, светскиот мега-цар Рамбо Амадеус импресиониран од медиумскиот феномен Драган Павловиќ - Латас, кого го забележал за време на неговите чести доаѓања во Скопје, пред неколку години напишал песна на уредникот на информативната програма на телевизија Сител.

Thursday, January 31, 2008

Наслови (3)

Одвреме-навреме се занимавам со насловите од весниците што ќе ми се најдат, па решив да ви ги пренесам впецатоците, во форма на белешки. Овој пат во раце ми паднаа Вест, Вечер, Време и Шпиц, па се обидов да видам кој каков наслов извадил на текстовите што се однесуваат на горе-долу истите настани.

3.1 Во судир на локомотива со автомобил загина арачиновец.

Прво - Бог да го прости! Второ - прилично сувопарен наслов, типичен за вести од црна хроника. Трето - не гледам што е толку важно или атрактивно во тоа што бил човекот арачиновец, освен ако можеби авторот на насловот смета дека зборот арачиновец е магнет за публика!? Четврто - интересно, донекаде и - симпатично, е што репортерот решил да пренесе дека автомобилот не се судрил со било кој дел од возот, туку со локомотивата. Можеби има уште нешто да ни каже. Можеби тука лежи атрактивната информација, ако решиме да не бараме задна намера во изнесувањето на податокот дека загинатиот бил арачиновец.

Од друга страна, интересен податок носи наднасловот, кој ни дорасветлува дека несреќата се случила на див железнички премин кај Маџари. Првата перцепција не наведува на заклучок дека, Господ нека ми прости, човекот сам си ја барал бељата - што мајка барал на див премин да поминува!? Од друга страна, се отвора уште едно атрактивно прашање: што барал арачиновец во Маџари, од што може да произлезе, на пример и интересна економска анализа во весниците, на пример - какви се економските врски меѓу Арачиново и Маџари.


---------------------------------------------------

3.2. Загина арачиновец. Овој наслов ме потсети на една ситуација што се догодила за време на војната во Хрватска, на некој од фронтовите - ми ја раскажа еден Србин што во тоа време бил војник на страната на ЈНА.
Слушајќи Џими Хендрикс, ми раскажуваше како по неколку месеци војување веќе отрпнале и веќе не им било настан кога некој ќе загине. Одеднаш, во еден момент на затишје, за време на една попладневните паузи од пукање, што со ишарет си ги давале со војниците од спротивната страна на фронтот, покрај неговиот ров дотрчал војник, носејќи возбудлива вест подзадишано: Еј, знате шта - умро Тома Здравковић! Можете да претпоставите каков бил одговорот на еден стаар фан на Џими Хендрикс.

Така некако ми зазвучи и овој наслов.
И овој наднаслов ги отвора прашањата што барал арачиновец кај Маџари, и ги отвора истите перспективи за економски анализи, но носи и еден интересен податок - дека тој што го напишал често се движел во околината на Маџари и добро ја познава, па се изразува едноставно, како пред свои луѓе што колку-толку го знаат Маџари, па вели: ..на пругата, кај Маџари.
---------------------------------------------------

3.3. Воз усмрти возач на „мерцедес“. Уште еднаш - Бог да го прости.

Првото прашање што ми дојде на врвот на јазикот е: дали авторот ги нарекува возач на „мерцедес“ сите луѓе што возат „мерцедес“? Дали, на пример, кога им прикажува на другарите/другарките дека ја видел/видела комшиката со некој што има мерцедес, им вели: ..ја видов со еден возач на „мерцедес“.
Втората работа што ми паѓа в очи е насоченоста на информацијата, која лесно доведува до заклучок дека возот е виновен за смртта на возачот на „мерцедес“.
И, еве ти драма - според наднасловот, дивиот премин не бил на пругата кај Маџари, туку кај скопско Трубарево.
Е, кому сега да му веруваш? На овој, или на другите двајца (автори на претходните примери)?

---------------------------------------------------

3.4. Арачиновец загина во сообраќајка со воз.
Запнале луѓево: арачиновец па, арачиновец. Добро, нека ви биде. Арно ама, човекот - во возот ли бил? Толку!

Арачиновец загина во сообраќајка со воз (Шпиц)

Наслови (2)

Одвреме-навреме се занимавам со насловите од весниците што ќе ми се најдат, па решив да ви ги пренесам впецатоците, во форма на белешки. Овој пат во раце ми паднаа Вест, Вечер, Време и Шпиц, па се обидов да видам кој каков наслов извадил на текстовите што се однесуваат на горе-долу истите настани.


2.1. Благица беше единствената љубов на Тоше - можете ли да забележите колку различна претстава може да направи овој наслов, во зависност дали човекот што го чита знае за кои Благица и Тоше станува збор.


Имам впечаток дека насловот би ветувал многу поегзотична приказна кога би станувало збор за некои „обични“ Благица и Тоше. Но, секој според своите преференци! Во целост го поддржувам правото на избор, и, ако некој смета дека приказната за познатите Благица и Тоше е поатрактивна - искрено го почитувам неговиот избор.

Според хрватски 24 Часа: Благица беше единствената љубов на Тоше (Вечер)

-------------------------------------------------


2.2. Благица е првата и последна љубов на Тоше. Кај овој наслов, некако побрзо станувам свесен за кои Благица и Тоше станува збор - не знам зошто?. Според содржината, некако ме потсетува на First and last and always, насловот на една песна на Sisters of Mercy, но, надграден со конкретен пример, преку протагонисти што ги знае пошироката јавност. Со оглед дека двата текста што се најавени со наведените наслови се базираат врз искази од ист извор, некако како да насетувам дека авторот на овој наслов некако брза да го затвори фајлот со шпекулациите за приватнот живот на Тоше Проески пред загинувањето, и остава впечаток дека навива јавноста да прифати дека Благица - била првата и последната љубов на Тоше.

Хрватскиот портал „24 Сата“ објави: Благица е првата и последна љубов на Тоше (Време)

-------------------------------------------------

2.3. Будимир иселена од Злокуќани пред несреќата. Овој наслов отвора една нова димензија, врз основа на една информација од текстот што и авторите на другите текстови го користеле како извор. Имам впечаток дека авторот на овој текст проценил дека нема ништо ново или ништо вредно во шпекулациите за врската на Благица и Тоше од изворниот текст, што наведува на размислување дека авторот има подобро изграден систем на вреднување од неговите колеги, па оценил дека тие шпекулации не се најатрактивната информација во текстот. Независно како ја забележал и како решил да ја објави, ми се чини дека информацијата што ја објавил, тврдењето дека Будимир била иселена од Злокуќани, навистина би била најатрактивна за публиката што сака да ги чита и ги следи текстовите за приватниот живот на Тоше, зашто, колку што се сеќавам, приказната за фаталноста на Благица во животот на Тоше беше првпат пласирана за време на гостувањето на Љиљана Петровиќ во Црни бисери.

Будимир иселена од Злокуќани пред несреќата (Шпиц)

Наслови (1)

Одвреме-навреме се занимавам со насловите од весниците што ќе ми се најдат, па решив да ви ги пренесам впецатоците, во форма на белешки. Овој пат во раце ми паднаа Вест, Вечер, Време и Шпиц, па се обидов да видам кој каков наслов извадил на текстовите што се однесуваат на горе-долу истите настани.

1.1. Буш најнесреќен претседател на САД - демек, од сите претседатели на САД Буш најмалку го служи к`сметот или - најмногу го бие малерот.

Наднасловот веќе дава насока што го дообјаснува насловот, демек: Плејбој се пали на Клинтон - ете, тоа го мачело Буш и, ваљда поради тоа некој оценил дека е најнесреќниот претседател на САД.

Каква ли скала на вредности имаат Американците, штом еден од општо прифатените услови за некој да оцени дали си среќен е дали Плејбој ќе се пали на тебе?

Плејбој се пали на Клинтон: Буш најнесреќен претседател на САД (Вечер)

-----------------------------------------------------

1.2. Насловот Најнесексапилниот претседател на САД во последните 70 години, е како недовршена реченица. Читателот останува неуслужен докрај. Почнуваш да му зборуваш, па си се предомислил, ама не му кажуваш дека си се откажал од намерата да му го довршиш муабетот. Останува да виси прашањето: Што, тоа „најнесексапилниот претседател на САД во последните 70 години“? Башка што можеби нема веднаш да ти текне на кого се однесува муабетот.

Џорџ Буш: Најнесексапилниот претседател на САД во последните 70 години (Шпиц)

-----------------------------------------------------

1.3. Од насловите што ги видов, некако најјасен и најинформирачки ми се виде насловот Плејбој го избра Буш за најнесекси американски претседател. Главната слабост му е што е предoлг.

Плејбој го избра Буш за најнесекси американски претседател (Вест)

Saturday, January 26, 2008

Одговорот на Фарбаровски

Па, па, па колку надмено се расчаршафил старо-новиот уредник на Време, Георги Барбаровски, во првиот редакциски коментар на новата инкарнација на весникот, откако речиси целата редакција реши да си замине од бакал-империјата на Велија Рамковски!?

Демек седум дена гореле од желба да им соопштат на читателите на Време зошто весникот „накратко“ престанал да излегува, ама, со тешко срце, решиле да молчат, зашто сфатиле дека тие што го напуштиле весникот имале голема потреба да зборуваат, а и самите имале внатрешна потреба да молчат и да се преиспитаат себеси. А нивниот одговор бил новиот број на Време, кој во саботата излезе по седум дена пауза, создаден од новата екипа.

Зар не ве потстеува ова на оној предизборен спот на СДСМ, во кој Бранко Црвенковски, им се беше расприкажал на луѓето од раководството на партијата како направил држава и покрај провокациите од фиљан светски фактори, кои зајадливо му велеле да нема илузии дека секое племе може да има своја држава. Арно ама, како што зборуваше премудриот Црвенковски, најдобриот одговор не биле нервозите и лутењето, туку да направиш држава, како што подоцна и направил.

Така, во коментарот ќе чуете дека е лесно да му откажеш љубов на работодавецот, но тешко е да ја прекинеш врската со читателите, правејќи „евтина синдикалистичка сапуница“, зашто новинарот не е во работен однос само со издавачот, туку истовремено е и во, подлабок, однос со неговите читатели. Или, како што заклучува и подучува Барбаровски, новинарството е пред се’ лојалност кон читателите.

Но, се’ што е кажано во коментарот на Барбаровски би било во ред, кога текстот би го потпишал некој друг. Зашто, за оние што подзаборавиле, Барбаровски беше токму еден од уредниците што пред 5 години на дело покажаа што е лојалност кон читателите, кога заедно со голем дел од тимот кој сега него го напушти, решија да го напуштат и го напуштија Дневник. Но, таква е судбината на расколниците, па таква беше и судбината на првата инкарнација на Време - старите би рекле: арам дојде, арам сјојде!

Во беседата за професионалноста, истрајноста во предизвиците и искреноста кон читателите ќе најдете и други секвенци кои ќе ви го расветлат вистинскиот однос на Барбаровски кон читателите. Еден од тие примери е муабетот дека Време и немало некои поголеми финансиски проблеми, но оти, сепак, финансиски заслабнало кога пред година и кусур решиле да му ја намалат цената на 5 денари за да го направат весникот подостапен за читателите.

Ваквите муабети, дека тоа го направиле за да им го направат весникот подостапен на читателите можеби и можат да упалат кога се искажани од мегафонот на Велија Рамковски на некој земљораднички собир, но не и пред култивирана публика, која многу добро разбира дека потегот со намалување на цената и окрупнување на тиражот беше специјално оружје против конкуренцијата, предводена од германски ВАЦ, и која на моменти можеби и се подлажа дека Давид од Прилепско му задава сериозни удари на германскиот Голијат.

Но, да не ме сфатите погрешно, да не помислите дека Оној што доаѓа гаји некои специјални симпатии кон субјектите што се нападнати од Барбаровски? Немојте, ве молам! Тие се башка приказна - и ним ќе им дојде редот - и на новинарите што до вчера молчеа за се’ што знаеа за бизнисите на довчерашниот газда, и на медиумите што од срце се радуваа на мечката во туѓиот двор.

Ганц „Нова Македонија“

Ако имате прилика да се дружите со новинари веќе сте начуле дека тимот што го напушти Време, со приказна дека почнува нов проект, всушност се подготвува да го преземе весникот Нова Македонија.


Весникот во моментов го издава скопската фирма за биротехника и компјутери „Зоник компјутери“, која на продажбата на брендовите на некогашниот НИП, го купи брендот „Нова Македонија“ за 5.000 евра. Според најновите муабети што се вртат во новинарските кругови, тимот што го напушти Време е подготвен за неколку недели да ја преземе Нова Македонија во свои раце и веќе на големо го подготвува новиот изглед на весникот.


Ако е ова вистина, искрено да ви кажам, ми се допаѓа идејата најстариот новински бренд во Македонија да добие нов живот и редакција каква што заслужува името што го носи, и покрај лошата карма што на себе ја влече од времето на монополскиот бастион кога генерален директор на НИП-от беше Панде Колемишевски.


По природата на нештата, ако весникот го прави тимот што замина од Време, ваљда главен и одговорен уредник ќе биде Александар Дамовски!?


Ако е така го замолувам да и’ го врати стариот формат, па да ни го врати филмот - кога ќе ја отвориш да биде метар и пол, да можат десет луѓе одеднаш да го читаат, како во инсертите за вести од Иран во времето на Хомеини - broadsheet си е broadsheet! Башка, не мора да ја зафаќаат целата зграда, ама би било добро канцелариите да и’ се во НИП-от, белким до толку можат да ја наредат со државата!? И, аман нека не праи од Нова Македонија весник за 5 денари.

Оливера Трајковска може вода да и’ носи!

Ако случајно, во животот, сте си правеле топ листа на најизвештачени ТВ-фаци и ако случајно во категоријата најизвештачена и најпозерска артикулација на гласот на првото место ви избила Оливера Трајковска („Светла точка“) - поништете ги резултатите зашто сигурно сте направиле превид во номинациите и сте го пропуштиле кандидатот што, верувам ќе се согласите - е без конкуренција!

Повозрасните можеби ќе се сетат на неа уште од времето кога работеше во Македонската телевизја, или уште порано - во Телевизија Скопје, а помладите имаат прилика да ја видат на вестите на „Гласот на Америка“, кои секојдневно се емитуваат на МТВ 1, веднаш по „Вестите за лицата со оштетен слух“: Лилица Китановска.


Па, каков е тој раскош од извештаченост и од фолирантство во нејзината артикулација!? Па тоа е ненадминливо! Жири-комисијата на вашиот Избор на најинтересни ТВ-феномени сигурно ќе се помачи да ги најде вистинските зборови да го образложи изборот на вашиот нов лауреат, но за ваков кандидат тоа навистина вреди.

Wednesday, January 23, 2008

Вашиот интерес

Ја знаете ли рекламната кампања за плаќање радиодифузна такса што се емитува неколку пати дневно на сите јазици на програмите на МРТВ?

За оние што не ја знаат, мал опис:

Со препознатливиот old school израз, - ..машко, женско, машко, женско.. - , спикерите таксативно набројуваат за што се трошат парите од радиодифузната такса. Така ќе научите дека 72% одат за МРТВ да направи и да емитува програма, 4,5% за МРТВ да си купи и да си ја поправа опремата, 16% за одржување и користење на јавните предаватели, 3,5% за развој на јавната радиодифузна мрежа и 4% за Советот за радиодифузија.

Но, крајот го краси делото, кога гласот на спикерката на Радио Скопје сугестивно и заводнички ќе прогласи:

„Македонското радио, како јавен сервис на граѓаните, го остварува Вашиот интерес, и само - Вашиот интерес“.

Нешто ме потсети на дедо Фројд, (што би рекол Гане Тодоровски во Македонски монолог), кој барал од неговите пациенти самите да си гледаат во кафе, за да чуе што мислат за себе, сакајќи да ги открие причините за чворовите што си ги врзале во психата.

Но, каква врска има тоа со сликата на нашиот ценет градоначалник? Е, тоа е посебна приказна, што сведочи за тоа колку и како Македонската радио-телевизја го остварува Вашиот интерес.

Ако сте редовен или повремен слушател на Радио Скопје, сигурно сте забележале дека Костовски е редовен гостин во отворената програма „Слушајте радио“, секој последен вторник, (кој ден беше - не ме фаќајте за збор). Но, дали сте забележале како почнува неговото гостување во програмата?

Добрите домаќини се погрижиле на секое гостување за добредојде да го почетстат градоначалникот со еден од неговите хитови, па наместо да слушате како водителката, Снежана Димовска, го ренда со прашања што има асфалтирано, бетонирано, фино-лепо си слушате што на срцето си имал тетовирано, или да чуете како водителката има разбирање за градот, како сумира дека градот имал „сепак успешна година“ „и покрај скромниот буџет“, или како го потсетува Трифуна што се’ направил градот во годината што поминала, укажувајќи му „.. имавте многу активности и во инфраструктурата..“, за подоцна да му помогне да се справи со лажната скромност, упаѓајќи: „но, ова се факти.. точно..!“.

Ете, така - „Вашиот интерес - и само, Вашиот интерес“.

Како, добога, да се изрази човеков?

Сте ги загледале ли некогаш „Вестите за лицата со оштетен слух“ што се емитуваат во 18:10 ч. на МТВ 1? Најверојатно не, но погледнете ги некој ден, има што да се види.

На пример, можете да го видите уникатното решение инсертите да се прикажуваат под агол од околу 30 степени - за да има место каде да го сместат толкувачот што ги преведува вестите на гестовен јазик, или - ако не друго, да се потсетите што е тоа за што „Секторот вести“ на МРТВ смета дека би требало да ги информира граѓаните, зашто нели, работат за „Вашиот интерес и само - Вашиот интерес“, како што велат во кампањата за плаќање радиодифузна такса. Така, ќе се информирате на каков состанок присуствувал премиерот, со кого имал средба вице-премиерот за ... прашања, за што информирал портпаролот на Владата, но и да видите што се случило во кризните жаришта низ светот, или најмалку колку луѓе загинале во самоубиствен бомбашки напад во Ирак.

Но, и нема нешто ново во тоа. Нешто друго ми падна в очи и, по малку, ме нажали. Сте забележале ли колку тешка работа му даваат луѓето од дескот на човекот што треба да ги протолкува вестите на гестовен јазик?

Еве неколку примери на какви маки го ставаат човекот.

Како, на пример, да им пренесе на нашите сограѓани со оштетен слух дека нападот на бомбаш-самоубиец во кој загинале 18 луѓе се случил „во близина на ирачкиот град Бјаџи“?

Или, како да им каже дека претседателот на Собранието на Косово, кој најавил дека во февруари „се очекува прогласување на независноста на Косово“ се вика Јакуп Красниќи, дека во фиљан нацрт-резолуција што ја усвоила фиљан европска институција „не се споменува директно неопходноста од давање независност на Косово“?

Како да каже човекот дека вирусот на птичји грип бил откриен „во селото Сааз, на северот на земјата (Турција)“?

Веројатно лесно ќе се снајде да пренесе дека владиниот портпарол Ивица Боцевски рекол оти Владата води грижа и за снабденоста со јаглен на термоцентралите и појаснил дека има доволно количество јаглен за да се надмине зголемената потрошувачка на електрична енергија, но како човекот да го пренесе ова:

„Ако веледрогериите не набавуваат навреме лекови во аптеките и по единствени цени, министерот за здравство Имер Селмани, по посетата на неколку скопски аптеки, каде што се увери дека има недостиг од лекови, најави дека е можен увоз и од други компании“.

Дај бре луѓе (од „Секторот вести“) имајте милост за човекот!

Tuesday, January 15, 2008

Рачињата на дневниковци

Би сакал ли некој од вас, почитувани, да ми објасни што им е филмот на овие, коментаториве од Дневник што толку многу сакаат да се фотографираат за коментар со рака под брадата или образот?

Ако добро сум забележал, колку повисоко се во хиерархијата на весникот или колку подолго се дел од редакцијата толку позадолжително им станува непишаното правило (сакам да верувам: непишано) да си ја стават десната рака под брадата. Ако сте од поредовните читатели на весникот ќе забележите и дека овој феномен го прифаќаат и поновите членови на редакцијата, рамно како и оние кои биле на некакво отсуство, или во меѓувреме заминале во портпароли.


Но, не е доволно да се констатира ова. Навистина копка мислата зошто го прават тоа. Дали со тоа сакаат да им помогнат на читателите од прв поглед да сфатат дека тоа е местото каде што се објавуваат коментари во весникот, па затоа сложиле мислителска фото-композиција - со рачето под брадата или образот. Но, дали тоа значи дека споменатите актери на здравствените легитимации имаат фотографии на кои глумат дека горат од температура, со облоги на челата!? Или пак, дали до неодамна, кога граѓаните имаа право да се фотографираат како што сакаат, на возаките дозволи си ставаа фотки со рацете испружени, небаре вртат волан!?


Ако разберете, ве молам да ми кажете!