Thursday, February 28, 2008

Леси се врати дома

Таман помислив дека врз моето маало се спуштила некоја поведра аура, резимирајќи дека месец-два живеам во опкружување што е 100% Velija free - еве ти беља: Велија се вратил на Телекабел!


Но, и покрај фингираниот граѓански бунт и брдото обвинувања на сметка на кабелскиот оператор објавени во неговите медиуми, Леси реши да се врати дома, откако виде дека клиентите на Телекабел веќе заборавија дека постои неговата телевизија и покрај разните совети на кој оператор да се префлите или - како за 30 денари да си купите разделник, со кој ќе можете истовремено да ги гледате и А1 (терестријално) и програмите од кабелска.


Но, падот на рејтингот, бездруго значи и пад цената на рекламниот простор на телевизиите, што, секако, е доволна причина земјоделскиот лидер со остри гестикулации да си ја преиспита одлуката ко попче, како што не додржа долго, па по недела-две се пишмани и повторно почна да објавува владини реклами во весниците, и покрај тоа што јавно и надмено се откажа од нив.


Ексик. Тоа ти е. Останува уште да видиме до кога ќе не’ остави 66,66 % Velija free и кога повторно ќе почне да ги дистрибуира Време и Шпиц во бакалниците што не прифатиле да бидат дел од ланецот Хедис.

Thursday, February 21, 2008

Секирации

Можеби рејтингот не им е висок колку рејтингот на информативните билтени на другите телевизии, но некако посебно симпатични ми се вестите на Телма, со стариот или со новиот визуелен дизајн - се’ едно.

Не дека нешто посебно ми се атрактивни содржините и не дека нешто многу им се разликува агендата од вестите на другите - моето срце најмногу го пленија самите водители, со нивното држење додека си ја вршат работата.

Кога подобро ќе подразмислам, мојата љубов кон нив наједноставно би се нарекла - емпатија, гледајќи колку се насекирани, небаре светот пропаднал - просто, чувствувате како нешто ве стега помеѓу градите и гркланот.

Погледнете ја оваа палета од насекирани водители - и, за секој случај, земете си по едно марамче.

Thursday, February 7, 2008

Колумните во Вест

Една од работите што ми се допаѓаат кај Вест е односот на весникот кон коментирањето и начинот на кој редакцијата ги пласира ставовите и мислењата. Главно тоа се прави преку провокативните наслови и насловни страници и преку единствените, ДВЕ колумни, кои се објавуваат само во саботното издание на весникот.

Колумната „Сакам да кажам“, чиј автор е главниот уредник Горан Михајловски, е успешен пример за луцидно и инвентивно коментирање на дневно-политичките настани што се случиле во седумте дена меѓу двете изданија на весникот и е одличен контрапункт на давеж-коментарите на луѓето од колумнистичката естрада, што се објавуваат во саботните изданија на другите весници. Од друга страна, Сакам да кажам е одлична поткрепа на слоганот на весникот: Читај и мисли слободно.

Приказна за себе е втората колумна во весникот, Евтини приказни на Биљана Секуловска. Единствениот коментар за неа би бил: Вест има две колумни - Сакам да кажам и Сакам речам, незнам кажам.

Monday, February 4, 2008

Рамбо Амадеус напишал песна за Латас!?

Ексклузивно во Бележник!



Како што ексклузивно дознаваме, светскиот мега-цар Рамбо Амадеус импресиониран од медиумскиот феномен Драган Павловиќ - Латас, кого го забележал за време на неговите чести доаѓања во Скопје, пред неколку години напишал песна на уредникот на информативната програма на телевизија Сител.