Одвреме-навреме се занимавам со насловите од весниците што ќе ми се најдат, па решив да ви ги пренесам впецатоците, во форма на белешки. Овој пат во раце ми паднаа Вест, Вечер, Време и Шпиц, па се обидов да видам кој каков наслов извадил на текстовите што се однесуваат на горе-долу истите настани.3.1
Во судир на локомотива со автомобил загина арачиновец.
Прво - Бог да го прости! Второ - прилично сувопарен наслов, типичен за вести од црна хроника. Трето - не гледам што е толку важно или атрактивно во тоа што бил човекот арачиновец, освен ако можеби авторот на насловот смета дека зборот арачиновец е магнет за публика!? Четврто - интересно, донекаде и - симпатично, е што репортерот решил да пренесе дека автомобилот не се судрил со било кој дел од возот, туку со локомотивата. Можеби има уште нешто да ни каже. Можеби тука лежи атрактивната информација, ако решиме да не бараме задна намера во изнесувањето на податокот дека загинатиот бил арачиновец.
Од друга страна, интересен податок носи наднасловот, кој ни дорасветлува дека несреќата се случила на див железнички премин кај Маџари. Првата перцепција не наведува на заклучок дека, Господ нека ми прости, човекот сам си ја барал бељата - што мајка барал на див премин да поминува!? Од друга страна, се отвора уште едно атрактивно прашање: што барал арачиновец во Маџари, од што може да произлезе, на пример и интересна економска анализа во весниците, на пример - какви се економските врски меѓу Арачиново и Маџари.
---------------------------------------------------
3.2. Загина арачиновец. Овој наслов ме потсети на една ситуација што се догодила за време на војната во Хрватска, на некој од фронтовите - ми ја раскажа еден Србин што во тоа време бил војник на страната на ЈНА.
Слушајќи Џими Хендрикс, ми раскажуваше како по неколку месеци војување веќе отрпнале и веќе не им било настан кога некој ќе загине. Одеднаш, во еден момент на затишје, за време на една попладневните паузи од пукање, што со ишарет си ги давале со војниците од спротивната страна на фронтот, покрај неговиот ров дотрчал војник, носејќи возбудлива вест подзадишано: Еј, знате шта - умро Тома Здравковић! Можете да претпоставите каков бил одговорот на еден стаар фан на Џими Хендрикс.
Така некако ми зазвучи и овој наслов.
И овој наднаслов ги отвора прашањата што барал арачиновец кај Маџари, и ги отвора истите перспективи за економски анализи, но носи и еден интересен податок - дека тој што го напишал често се движел во околината на Маџари и добро ја познава, па се изразува едноставно, како пред свои луѓе што колку-толку го знаат Маџари, па вели: ..на пругата, кај Маџари.
---------------------------------------------------
3.3. Воз усмрти возач на „мерцедес“. Уште еднаш - Бог да го прости.
Првото прашање што ми дојде на врвот на јазикот е: дали авторот ги нарекува возач на „мерцедес“ сите луѓе што возат „мерцедес“? Дали, на пример, кога им прикажува на другарите/другарките дека ја видел/видела комшиката со некој што има мерцедес, им вели: ..ја видов со еден возач на „мерцедес“.
Втората работа што ми паѓа в очи е насоченоста на информацијата, која лесно доведува до заклучок дека возот е виновен за смртта на возачот на „мерцедес“.
И, еве ти драма - според наднасловот, дивиот премин не бил на пругата кај Маџари, туку кај скопско Трубарево.
Е, кому сега да му веруваш? На овој, или на другите двајца (автори на претходните примери)?
---------------------------------------------------
3.4. Арачиновец загина во сообраќајка со воз.
Запнале луѓево: арачиновец па, арачиновец. Добро, нека ви биде. Арно ама, човекот - во возот ли бил? Толку!
Арачиновец загина во сообраќајка со воз (Шпиц)