Wednesday, January 23, 2008

Вашиот интерес

Ја знаете ли рекламната кампања за плаќање радиодифузна такса што се емитува неколку пати дневно на сите јазици на програмите на МРТВ?

За оние што не ја знаат, мал опис:

Со препознатливиот old school израз, - ..машко, женско, машко, женско.. - , спикерите таксативно набројуваат за што се трошат парите од радиодифузната такса. Така ќе научите дека 72% одат за МРТВ да направи и да емитува програма, 4,5% за МРТВ да си купи и да си ја поправа опремата, 16% за одржување и користење на јавните предаватели, 3,5% за развој на јавната радиодифузна мрежа и 4% за Советот за радиодифузија.

Но, крајот го краси делото, кога гласот на спикерката на Радио Скопје сугестивно и заводнички ќе прогласи:

„Македонското радио, како јавен сервис на граѓаните, го остварува Вашиот интерес, и само - Вашиот интерес“.

Нешто ме потсети на дедо Фројд, (што би рекол Гане Тодоровски во Македонски монолог), кој барал од неговите пациенти самите да си гледаат во кафе, за да чуе што мислат за себе, сакајќи да ги открие причините за чворовите што си ги врзале во психата.

Но, каква врска има тоа со сликата на нашиот ценет градоначалник? Е, тоа е посебна приказна, што сведочи за тоа колку и како Македонската радио-телевизја го остварува Вашиот интерес.

Ако сте редовен или повремен слушател на Радио Скопје, сигурно сте забележале дека Костовски е редовен гостин во отворената програма „Слушајте радио“, секој последен вторник, (кој ден беше - не ме фаќајте за збор). Но, дали сте забележале како почнува неговото гостување во програмата?

Добрите домаќини се погрижиле на секое гостување за добредојде да го почетстат градоначалникот со еден од неговите хитови, па наместо да слушате како водителката, Снежана Димовска, го ренда со прашања што има асфалтирано, бетонирано, фино-лепо си слушате што на срцето си имал тетовирано, или да чуете како водителката има разбирање за градот, како сумира дека градот имал „сепак успешна година“ „и покрај скромниот буџет“, или како го потсетува Трифуна што се’ направил градот во годината што поминала, укажувајќи му „.. имавте многу активности и во инфраструктурата..“, за подоцна да му помогне да се справи со лажната скромност, упаѓајќи: „но, ова се факти.. точно..!“.

Ете, така - „Вашиот интерес - и само, Вашиот интерес“.

No comments: