Thursday, January 31, 2008

Наслови (2)

Одвреме-навреме се занимавам со насловите од весниците што ќе ми се најдат, па решив да ви ги пренесам впецатоците, во форма на белешки. Овој пат во раце ми паднаа Вест, Вечер, Време и Шпиц, па се обидов да видам кој каков наслов извадил на текстовите што се однесуваат на горе-долу истите настани.


2.1. Благица беше единствената љубов на Тоше - можете ли да забележите колку различна претстава може да направи овој наслов, во зависност дали човекот што го чита знае за кои Благица и Тоше станува збор.


Имам впечаток дека насловот би ветувал многу поегзотична приказна кога би станувало збор за некои „обични“ Благица и Тоше. Но, секој според своите преференци! Во целост го поддржувам правото на избор, и, ако некој смета дека приказната за познатите Благица и Тоше е поатрактивна - искрено го почитувам неговиот избор.

Според хрватски 24 Часа: Благица беше единствената љубов на Тоше (Вечер)

-------------------------------------------------


2.2. Благица е првата и последна љубов на Тоше. Кај овој наслов, некако побрзо станувам свесен за кои Благица и Тоше станува збор - не знам зошто?. Според содржината, некако ме потсетува на First and last and always, насловот на една песна на Sisters of Mercy, но, надграден со конкретен пример, преку протагонисти што ги знае пошироката јавност. Со оглед дека двата текста што се најавени со наведените наслови се базираат врз искази од ист извор, некако како да насетувам дека авторот на овој наслов некако брза да го затвори фајлот со шпекулациите за приватнот живот на Тоше Проески пред загинувањето, и остава впечаток дека навива јавноста да прифати дека Благица - била првата и последната љубов на Тоше.

Хрватскиот портал „24 Сата“ објави: Благица е првата и последна љубов на Тоше (Време)

-------------------------------------------------

2.3. Будимир иселена од Злокуќани пред несреќата. Овој наслов отвора една нова димензија, врз основа на една информација од текстот што и авторите на другите текстови го користеле како извор. Имам впечаток дека авторот на овој текст проценил дека нема ништо ново или ништо вредно во шпекулациите за врската на Благица и Тоше од изворниот текст, што наведува на размислување дека авторот има подобро изграден систем на вреднување од неговите колеги, па оценил дека тие шпекулации не се најатрактивната информација во текстот. Независно како ја забележал и како решил да ја објави, ми се чини дека информацијата што ја објавил, тврдењето дека Будимир била иселена од Злокуќани, навистина би била најатрактивна за публиката што сака да ги чита и ги следи текстовите за приватниот живот на Тоше, зашто, колку што се сеќавам, приказната за фаталноста на Благица во животот на Тоше беше првпат пласирана за време на гостувањето на Љиљана Петровиќ во Црни бисери.

Будимир иселена од Злокуќани пред несреќата (Шпиц)

No comments: