Saturday, January 26, 2008

Ганц „Нова Македонија“

Ако имате прилика да се дружите со новинари веќе сте начуле дека тимот што го напушти Време, со приказна дека почнува нов проект, всушност се подготвува да го преземе весникот Нова Македонија.


Весникот во моментов го издава скопската фирма за биротехника и компјутери „Зоник компјутери“, која на продажбата на брендовите на некогашниот НИП, го купи брендот „Нова Македонија“ за 5.000 евра. Според најновите муабети што се вртат во новинарските кругови, тимот што го напушти Време е подготвен за неколку недели да ја преземе Нова Македонија во свои раце и веќе на големо го подготвува новиот изглед на весникот.


Ако е ова вистина, искрено да ви кажам, ми се допаѓа идејата најстариот новински бренд во Македонија да добие нов живот и редакција каква што заслужува името што го носи, и покрај лошата карма што на себе ја влече од времето на монополскиот бастион кога генерален директор на НИП-от беше Панде Колемишевски.


По природата на нештата, ако весникот го прави тимот што замина од Време, ваљда главен и одговорен уредник ќе биде Александар Дамовски!?


Ако е така го замолувам да и’ го врати стариот формат, па да ни го врати филмот - кога ќе ја отвориш да биде метар и пол, да можат десет луѓе одеднаш да го читаат, како во инсертите за вести од Иран во времето на Хомеини - broadsheet си е broadsheet! Башка, не мора да ја зафаќаат целата зграда, ама би било добро канцелариите да и’ се во НИП-от, белким до толку можат да ја наредат со државата!? И, аман нека не праи од Нова Македонија весник за 5 денари.

No comments: