Thursday, December 13, 2007

Полека со ксенофобијата, Majooo!

Што им е на овие од Канал 5 - економија, што се толку нафурани на странците? Погледнете само едно издание на блокот вести од економијата и веднаш ќе забележите дека нешто не е во ред.

Ги гледам деновиве (се погоди неколку пати уредник да биде Маја Стојановска) - секоја вест почнува со: швајцарските газди на Силмак, Австријците од ЕВН, Унгарски Матав, грчките газди на ОКТА, индиските газди на рудникот Злетово, работниците бараат од грчките газди на Жито Лукс... Уште од првата реченица ќе забележите дека и на уредниците што ги читаат најавите и на новинарите што ги подготвиле прилозите дикцијата им е насочена со негативни емоции кон странците.

Не можам да сфатам од каде им извира мотивот за тоа, но сигурен сум дека странците што ги гледаат таквите вести во живо или што ги читаат во преведени клипинг-извештаи многу брзо градат впечаток дека сме ксенофобична нација.

Не можам да не протестирам, јавно да не се оградам од тоа. Извинете, јас и моето семејство не сме такви - што ако сте од друга земја, и вие сте добредојдени во нашиот дом!

А за тимот од Канал 5 - економија, музички поздрав од едни странци, колку за почеток на просветлувањето. Специјално за вас, во Бележник гостуваат англиските музичари Пинк Флојд со композицијата Carefull with that axe Eugene!

Tuesday, December 4, 2007

Се сомневам дека си Осама бин Ладен!

Сте забележале ли колку модернен станал изразот „се сомневам дека...“? Го употребуваат претседателот на државата, партиските портпароли, пратениците, главни уредници на редакции, пејачи и пејачки..

Претседателот на државата се сомнева дека Владата ги повикува амбасадорите на неограничени консултации во МНР за да може на нивните места да испрати амбасадори со политичка позадина. Владо Бучковски се сомнева дека одземањето на неговиот пратенички имунитет било претстава што ја режирал претседателот на Собранието, Љубиша Георгиевски. Каролина Гочева се сомнева дека парите што ќе ги собере со нејзините колеги од хуманитарниот концерт нема да бидат доволни за да помогнат. Пратеникот Слободан Најдовски се сомнева дека Владата во ребалансот на буџетот резервирала 300.000 за припадниците на ОНА. Јани Макрадули се сомнева во независноста на обвинителството, а Ацо Кабранов од Канал 5 се сомнева дека кампањата на Велија Рамковски за отповикување на Трифун Костовски е смислено сценарио индиректно раководено од власта.

Но, го знаете ли овој пример за користењето на фразата „се сомневам дека..“, чии протагонисти се еден млад полицаец и професорот од Богословскиот факултет, отец Стефан Санџакоски?

Анегдотата оди вака. Во времето на најголемата параноја на светот околу Ал Каеда, веднаш по нападите во Њујорк на 11 септември, отец Санџакоски се качил во автобус Струга-Скопје. Како чест патник, шоферите на струшки Југотранс, обично му чувале место веднаш зад шоферот. До него, истиот ден, седнал уште еден патник со специјален статус - млад полицаец, кој одел на работа во Кичево. Се возат, се возат - полицаецов почнува со непристојни прашања: ти од кај си, од кога живееш во Струга, што работиш.. и слично. На отецот почнало да му станува незгодно, но полицаецот веројатно веќе во мислите почнал да ги троши парите од наградата за лицето од потерницата што ја распиша Џорџ Буш. Прашувал, прашувал и - едно време веќе му станало премногу на отецот, па прашал:
- Ти зошто толку ме распрашуваш кој сум, што сум? - рекол отецот.
- Се сомневам дека си Осама бин Ладен! - храбро одговорил младиот полицаец.
- Ами, ако бев Осама бин Ладен, како научив толку добро да зборувам македонски? - запрашал отецот?
- Ти си подготвен на се! - самоуверено возвратил полицаецот.

Monday, December 3, 2007

Багминтонс

Можеби се спремате за вечерашниот рејунион концерт на Бадмингтонс, па ај нека ви се најде и ова, ако не сте знаеле.

Знаете ли како ќе познаете кој кога почнал да го слуша бендот на Картер, Деко и Бут?

Едноставно. Оние што ги знаеле и ги слушале уште пред песната Сите обични луѓе да се појави на компилацијата Македонски документ vol. 1 и во филмот Превртено на Игор Иванов - Изи, името на бендот го знаат како Багминтонс и спонтано го изговараат така: Багминтнонс. Оној што ги вика Бадмингтонс, бидете сигурни, или ги открил во деведесеттите, (која ли беше годината?), откако се појавија во компилацијата или - пред два-три месеца.

П.С. Дали знаевте дека од истата песна (Сите обични луѓе) Тоше Поп Симонов им направи хит на Студени нозе - нешто со „каучот се расцвета на пола..“.