Сте ги загледале ли некогаш „Вестите за лицата со оштетен слух“ што се емитуваат во 18:10 ч. на МТВ 1? Најверојатно не, но погледнете ги некој ден, има што да се види.На пример, можете да го видите уникатното решение инсертите да се прикажуваат под агол од околу 30 степени - за да има место каде да го сместат толкувачот што ги преведува вестите на гестовен јазик, или - ако не друго, да се потсетите што е тоа за што „Секторот вести“ на МРТВ смета дека би требало да ги информира граѓаните, зашто нели, работат за „Вашиот интерес и само - Вашиот интерес“, како што велат во кампањата за плаќање радиодифузна такса. Така, ќе се информирате на каков состанок присуствувал премиерот, со кого имал средба вице-премиерот за ... прашања, за што информирал портпаролот на Владата, но и да видите што се случило во кризните жаришта низ светот, или најмалку колку луѓе загинале во самоубиствен бомбашки напад во Ирак.
Но, и нема нешто ново во тоа. Нешто друго ми падна в очи и, по малку, ме нажали. Сте забележале ли колку тешка работа му даваат луѓето од дескот на човекот што треба да ги протолкува вестите на гестовен јазик?
Еве неколку примери на какви маки го ставаат човекот.
Како, на пример, да им пренесе на нашите сограѓани со оштетен слух дека нападот на бомбаш-самоубиец во кој загинале 18 луѓе се случил „во близина на ирачкиот град Бјаџи“?
Или, како да им каже дека претседателот на Собранието на Косово, кој најавил дека во февруари „се очекува прогласување на независноста на Косово“ се вика Јакуп Красниќи, дека во фиљан нацрт-резолуција што ја усвоила фиљан европска институција „не се споменува директно неопходноста од давање независност на Косово“? Како да каже човекот дека вирусот на птичји грип бил откриен „во селото Сааз, на северот на земјата (Турција)“?
Веројатно лесно ќе се снајде да пренесе дека владиниот портпарол Ивица Боцевски рекол оти Владата води грижа и за снабденоста со јаглен на термоцентралите и појаснил дека има доволно количество јаглен за да се надмине зголемената потрошувачка на електрична енергија, но како човекот да го пренесе ова:
„Ако веледрогериите не набавуваат навреме лекови во аптеките и по единствени цени, министерот за здравство Имер Селмани, по посетата на неколку скопски аптеки, каде што се увери дека има недостиг од лекови, најави дека е можен увоз и од други компании“.
Дај бре луѓе (од „Секторот вести“) имајте милост за човекот!
No comments:
Post a Comment