Thursday, December 13, 2007

Полека со ксенофобијата, Majooo!

Што им е на овие од Канал 5 - економија, што се толку нафурани на странците? Погледнете само едно издание на блокот вести од економијата и веднаш ќе забележите дека нешто не е во ред.

Ги гледам деновиве (се погоди неколку пати уредник да биде Маја Стојановска) - секоја вест почнува со: швајцарските газди на Силмак, Австријците од ЕВН, Унгарски Матав, грчките газди на ОКТА, индиските газди на рудникот Злетово, работниците бараат од грчките газди на Жито Лукс... Уште од првата реченица ќе забележите дека и на уредниците што ги читаат најавите и на новинарите што ги подготвиле прилозите дикцијата им е насочена со негативни емоции кон странците.

Не можам да сфатам од каде им извира мотивот за тоа, но сигурен сум дека странците што ги гледаат таквите вести во живо или што ги читаат во преведени клипинг-извештаи многу брзо градат впечаток дека сме ксенофобична нација.

Не можам да не протестирам, јавно да не се оградам од тоа. Извинете, јас и моето семејство не сме такви - што ако сте од друга земја, и вие сте добредојдени во нашиот дом!

А за тимот од Канал 5 - економија, музички поздрав од едни странци, колку за почеток на просветлувањето. Специјално за вас, во Бележник гостуваат англиските музичари Пинк Флојд со композицијата Carefull with that axe Eugene!

Tuesday, December 4, 2007

Се сомневам дека си Осама бин Ладен!

Сте забележале ли колку модернен станал изразот „се сомневам дека...“? Го употребуваат претседателот на државата, партиските портпароли, пратениците, главни уредници на редакции, пејачи и пејачки..

Претседателот на државата се сомнева дека Владата ги повикува амбасадорите на неограничени консултации во МНР за да може на нивните места да испрати амбасадори со политичка позадина. Владо Бучковски се сомнева дека одземањето на неговиот пратенички имунитет било претстава што ја режирал претседателот на Собранието, Љубиша Георгиевски. Каролина Гочева се сомнева дека парите што ќе ги собере со нејзините колеги од хуманитарниот концерт нема да бидат доволни за да помогнат. Пратеникот Слободан Најдовски се сомнева дека Владата во ребалансот на буџетот резервирала 300.000 за припадниците на ОНА. Јани Макрадули се сомнева во независноста на обвинителството, а Ацо Кабранов од Канал 5 се сомнева дека кампањата на Велија Рамковски за отповикување на Трифун Костовски е смислено сценарио индиректно раководено од власта.

Но, го знаете ли овој пример за користењето на фразата „се сомневам дека..“, чии протагонисти се еден млад полицаец и професорот од Богословскиот факултет, отец Стефан Санџакоски?

Анегдотата оди вака. Во времето на најголемата параноја на светот околу Ал Каеда, веднаш по нападите во Њујорк на 11 септември, отец Санџакоски се качил во автобус Струга-Скопје. Како чест патник, шоферите на струшки Југотранс, обично му чувале место веднаш зад шоферот. До него, истиот ден, седнал уште еден патник со специјален статус - млад полицаец, кој одел на работа во Кичево. Се возат, се возат - полицаецов почнува со непристојни прашања: ти од кај си, од кога живееш во Струга, што работиш.. и слично. На отецот почнало да му станува незгодно, но полицаецот веројатно веќе во мислите почнал да ги троши парите од наградата за лицето од потерницата што ја распиша Џорџ Буш. Прашувал, прашувал и - едно време веќе му станало премногу на отецот, па прашал:
- Ти зошто толку ме распрашуваш кој сум, што сум? - рекол отецот.
- Се сомневам дека си Осама бин Ладен! - храбро одговорил младиот полицаец.
- Ами, ако бев Осама бин Ладен, како научив толку добро да зборувам македонски? - запрашал отецот?
- Ти си подготвен на се! - самоуверено возвратил полицаецот.

Monday, December 3, 2007

Багминтонс

Можеби се спремате за вечерашниот рејунион концерт на Бадмингтонс, па ај нека ви се најде и ова, ако не сте знаеле.

Знаете ли како ќе познаете кој кога почнал да го слуша бендот на Картер, Деко и Бут?

Едноставно. Оние што ги знаеле и ги слушале уште пред песната Сите обични луѓе да се појави на компилацијата Македонски документ vol. 1 и во филмот Превртено на Игор Иванов - Изи, името на бендот го знаат како Багминтонс и спонтано го изговараат така: Багминтнонс. Оној што ги вика Бадмингтонс, бидете сигурни, или ги открил во деведесеттите, (која ли беше годината?), откако се појавија во компилацијата или - пред два-три месеца.

П.С. Дали знаевте дека од истата песна (Сите обични луѓе) Тоше Поп Симонов им направи хит на Студени нозе - нешто со „каучот се расцвета на пола..“.

Friday, November 9, 2007

Македонско радио - Радио Скопје

Сте забележале ли колку милиони пати во последниве десетина-петнаесет години напразно се изговара два пати зборот радио во официјалниот назив на првиот, вториот и третиот (колку ли беа?) радиоканал на Јавниот радиодифузен сервис, само затоа што некој некогаш, поради не знам што, сакал да го преименува некогаш едноставно нарекуваното Радио Скопје, па му додал пред името и Македонско радио, небаре нема да знаеме дека станицата е дел од системот на МРТ.

Било што било, десетина-петнаесет години слушателите на државните радиоканали, оние што останаа најупорни, ја трпат тортурата на оваа фабричка грешка, па така, секојдневно мораат да слушаат „... радио - радио ...“, што знае да биде особено напорно и непријатно за вашите стомаци во миговите кога е интерпретирано од великиот радиобуљаш Стојан Тренчевски или од низата женички и други негови ученици (ги има многу, не барајте да ги набројувам).

Белким еден ден, ако дотогаш преживее тој распад-систем, некому ќе му текне да го поедностави изразот, зашто ова, покрај милион петпарачки циркузи на програмата, не се поднесува.

Не знаат мејл да пратат

Што работа можеш да очекуваш да ти завршат луѓе што не знаат едно наједноставно писмо да напишат?

Сте виделе ли како изгледа и-мејл порака од инфо-службата на Владата, на пример? Дали некогаш, од купот пораки што ви пристигнале, би отвориле пораката што ви ја испраќа Inf Sluzba, со сабџект Izvestuvanje? Ако случајно помислите дека можеби атачментот кажува повеќе - се лажете. Во атачментот имате фајл што се вика __________ _ ____.doc . Дали некогаш повторно би отвориле порака за која не знаете кој ви ја испраќа, што е тоа што ви го испраќа непознатиот испраќач и дали тоа што го прикачил како фајл со информацијата, многу веројатно, е вирус или не!?

Но, не се тие единствениот пример, ако ви оставив впечаток дека ќе мрчам само врз основа на еден пример. Еве уште некој: д
али би и’ плаќале членарина Стопанската комора на Македонија, кога испраќач на нејзините соопштенија до јавноста е Станка, немам ништо против неа, која и да е госпоѓата. Дали мислите дека соопштенија чиј испраќач е Станка ќе ви помогнат да го унапредите вашиот бизнис? Или, колку ќе и’ верувате на општината дека ќе ви ја заврши работата брзо, ефикасно и без грешки што отпосле ќе се појават, ако видите дека до нејзината администрација не стасала идејата за копчето „таб“ или за централно порамнување, па во документите текстот го вовлекуваат вдесно со два-триесет „спејса“ за насловот да дојде на средина..

Музиките на Канал 77

Од кај ги копа музиките Канал 77. Имам впечаток дека толку се аут што дури и самите автори, (сметам дека не е потребно да нагласам - од поранешна Југославија), одамна ги заборавиле песните што некогаш ги отпеале.

Од се’ срце ви посакувам никогаш да не бидете во ситуација да морате да слушате музички блок на тоа радио, како што во последно време често сум принуден јас. Тоа тешко се поднесува.

Башка приказна се џингловите, претпоставувам правени во стилот на гордоста на Штип, фестивалот на поп-музика од аналниот отвор, Макфест. Јеби га, од кој друг извор на музика да се пои со идеи земјачко-провинциско радио со земјачко-провинциски дух?!


Слушнете и уверете се!