Tuesday, December 4, 2007

Се сомневам дека си Осама бин Ладен!

Сте забележале ли колку модернен станал изразот „се сомневам дека...“? Го употребуваат претседателот на државата, партиските портпароли, пратениците, главни уредници на редакции, пејачи и пејачки..

Претседателот на државата се сомнева дека Владата ги повикува амбасадорите на неограничени консултации во МНР за да може на нивните места да испрати амбасадори со политичка позадина. Владо Бучковски се сомнева дека одземањето на неговиот пратенички имунитет било претстава што ја режирал претседателот на Собранието, Љубиша Георгиевски. Каролина Гочева се сомнева дека парите што ќе ги собере со нејзините колеги од хуманитарниот концерт нема да бидат доволни за да помогнат. Пратеникот Слободан Најдовски се сомнева дека Владата во ребалансот на буџетот резервирала 300.000 за припадниците на ОНА. Јани Макрадули се сомнева во независноста на обвинителството, а Ацо Кабранов од Канал 5 се сомнева дека кампањата на Велија Рамковски за отповикување на Трифун Костовски е смислено сценарио индиректно раководено од власта.

Но, го знаете ли овој пример за користењето на фразата „се сомневам дека..“, чии протагонисти се еден млад полицаец и професорот од Богословскиот факултет, отец Стефан Санџакоски?

Анегдотата оди вака. Во времето на најголемата параноја на светот околу Ал Каеда, веднаш по нападите во Њујорк на 11 септември, отец Санџакоски се качил во автобус Струга-Скопје. Како чест патник, шоферите на струшки Југотранс, обично му чувале место веднаш зад шоферот. До него, истиот ден, седнал уште еден патник со специјален статус - млад полицаец, кој одел на работа во Кичево. Се возат, се возат - полицаецов почнува со непристојни прашања: ти од кај си, од кога живееш во Струга, што работиш.. и слично. На отецот почнало да му станува незгодно, но полицаецот веројатно веќе во мислите почнал да ги троши парите од наградата за лицето од потерницата што ја распиша Џорџ Буш. Прашувал, прашувал и - едно време веќе му станало премногу на отецот, па прашал:
- Ти зошто толку ме распрашуваш кој сум, што сум? - рекол отецот.
- Се сомневам дека си Осама бин Ладен! - храбро одговорил младиот полицаец.
- Ами, ако бев Осама бин Ладен, како научив толку добро да зборувам македонски? - запрашал отецот?
- Ти си подготвен на се! - самоуверено возвратил полицаецот.

1 comment:

Unknown said...

Пред дa гo изгoвoрите иметo нa oтец Стефaн, дa си јa измиете устaтa,зoштo немoже тaквo чистo име дa се изгoвaрa сo секaквa вaлкaнa устa.