Wednesday, April 30, 2008

Ганц „Нова Македонија“ со краден дизајн!


Па, зошто и да не се пофалиме малку во стилот на Латас (ебаси му го имиштето, што би рекол прадедо ми)!?

Имено, тоа што на 1 февруари го најави Бележник, денеска стана реалност. Екипата што до почетокот на февруари го правеше весникот Време во топлите јасли на Велија Рамковски, кои наеднаш за нив станаа неподносливи, од денеска официјално го подготвува весникот Нова Македонија.

Ми се допаѓа идејата најстариот новински бренд во Македонија да добие нов живот и редакција каква што заслужува името што го носи и верувам дека со оваа инкарнација тоа ќе се случи, независно дали уредувачката политика ќе влече налево или надесно.

Од она што успеав да го видам на минување, ми се допаѓа четивото и тоа што редакцијата се обидува да ги реактивира некогашните препознатливи рубрики и прилози на весникот.

Од друга страна, весникот добил нов дизајн, проширен број страници (40), 12 страници во боја.

Но, има и една дебела контраверза - уште кога ги видов билбордите што го најавуваа излегувањето на новата инкарнација на весникот, дизајнот ми се допадна, но ми се виде нешто познат. Се сетив. Погледнете - апла украден од Гардијан:

Friday, April 25, 2008

Амнезија во Шпиц


Нема потреба од многу зборови во овој пост, само ќе ви кажам дека насловната страница лево е од 25 април 2008, а насловната десно е од 10 април 2007. Уредниците забораиле дека таа фотографија веќе одела како насловна фотографија за Велигден минатата година.


П.С. Ако некој ве праша што е фотографска меморија - бујрум, еве ви пример!

VIP царува!

Ги видовте ли денешните насловни страници на Шпиц, Време и Коха? Видовте ли кој е газда на насловните страници денеска, особено ако се земе предвид дека денеска излегоа само весниците на Велија Рамковски?

Колку и да му изгледа некому контраверзна, ми се допаѓа идејата насловните страници да се нудат на продажба во целост, па кој сака - бујрум, нека си ја купи и нека си објави реклама. Идејата како понуда првпат ја видов разгледувајќи го ценовникот за реклами на хрватскиот бесплатен весник Метро Експрес, но, сепак бев изненаден кога идејата првпат ја видов на дело, во едно од декемвриските изданија на белградска Политика во 2007 година (и таму насловна откупена од телефонскиот оператор VIP).

И, зошто да не?

Добро е барем за промена, барем малку да не’ олабават од стандадрни наслови како Охрид полн и без Грците или Скопје е најопасен град за живеење (во денешно Време). Зар не би им простиле на огласувачите ако за едно вртење страница ви ја одложат битната информација дека во денешен Шпиц имате интервјуа со Павле Трајанов и Лилјана Поповска. Секако, на вистинската насловна страница, на пример во Време, веднаш зад корицата со реклама на VIP ќе ве пречекаат вечитите реклами како Кубус (ако некој досега разбра што е тоа, го молам нека ми пише во коментар!), или информацијата со која Владата утупи дека од 1 јануари следната! година Дирекцијата за храна ќе почнела да го контролира применувањето на HACCP (ако случајно сте прифатиле да комуницирате со државата преку кратенки, па веќе знаете што е тоа!?).

И да е контраверзно, сепак ми се допаѓа. Нека не’ олабават малку!

Saturday, April 12, 2008

Собраниски канал

Го видов Тоше во блок музика за време на пауза на ТВ-пренос од седница на Парламентот .

Наеднаш, се фатив себеси како самиот со себе, пцујам и фрлам клетви:

- Да ти ебам светот.., да ти ебам бедата! Да ти ебам и ВМРО и СДСМ и се’ по список, бедотии едни! Имаше во него љубов и чистота повеќе од сета ваша беда и примитивност заедно, и над тоа! Ебате животот!


П.С. Немам ништо против Собранието како хардвер, како идеја - го почитувам! Но, ми се повраќа од софтверот што е инсталиран во него - џанк најмизерен!

Tuesday, April 8, 2008

Образовна програма

Немам ништо против емисијата Опуштено на Тони Михајловски и на другар му (нека ми прости, никако да му го запамтам името), што се емитува во недела на Сител, но не можам да ја сфатам идејата за време на емитувањето на програмата во студиото да има и публика.

Ќе се соберат домаќините и два-тројца гости и си муабетат на разни теми, а публиката си слуша, си слуша.. па одвреме-навреме ќе ја повикаат да аплаудира.. - и така.

Што да кажам - изборот е нивни, нека дојдат, нека гледаат, нека слушаат, нека аплаудираат, само не можам да сфатам за кого е наменета емисијата, што сака да им пренесе програмата на гледашите и на што аплаудира публиката.

Последниот пат кога гледав Опуштено, на пример, гости беа Игор Џамбазов и Миленко Неделковски, а муабетот, ако добро ги разбрав, се вртеше околу искушенија низ кои поминале во животот.

Така, еден голем дел од разговорот му беше посветен на нивното коцкарско искуство, и, ако добро разбрав, на нивните падови во животот, од кои се издигнале како Феникси. И така - Џамбазов ќарил некој комар - публиката аплаудира. Миленко врзал некому машна - публиката аплаудира.

Но сето тоа беше мачји кашаљ во споредба со аплаузите што ги заслужи блокот во кој гостите и домаќините се восхитуваа на коцкарските вештини на Џаро - како некогаш влегол без пари во коцкарница во Белград , а излегол полн пари, вложувајќи клуч од лифт како да е клуч од Фолксваген Џета..

Јеби га, можеби сум конзервативен, па не можам да сфатам дека тоа е либерално видување на образовна програма, којзнае!?


Thursday, April 3, 2008

Македонија во САД!?

Можеби ќе речете дека предлогот е контраверзен, можеби ќе го наречете инфантилен или далеку од умот, но мислам дека е потребно еднаш јавно да се постави ова прашање.

Веројатно не сум единствениот Македонец по род, државјанин и жител на Република Македонија, кој многупати до сега чул размислување дека најелегантното чаре за опстанокот на државата и идентитетот на Македонците е Република Македонија да стапи во сојуз со Соединетите Американски Држави или да стане 52-та држава на САД.

По повод случувањата на самитот на НАТО во Букурешт, впечатокот дека е се’ поизвесно дека Грција, па и Бугарија, ќе ги блокира македонските аспирации за интегрирање во НАТО и во ЕУ се’ додека не се откажеме од идентитетот, го барам вашето мислење дали би поддржале референдум на кој државјаните на РМ би се изјасниле на прашањето „Дали сте за стапување на РМ во државен сојуз со Соединетите Американски Држави?“.

Со почит,

Оној што доаѓа.

Wednesday, March 5, 2008

Дај, Синиша, не зезај!

Иако речиси секојдневно како водител се јавува победничката на мојот избор за извештаченост во изведбата, Лилица Китановска, речиси секојдневно ги слушам утринските вести на Гласот на Америка (VOA) што се емитуваат во 9 наутро на Канал 77 . Но овојпат темата ми е Синиша Станковиќ, новинар со долгогодишно искуство на македонската медиумска сцена.

Немам никакви забелешки на квалитетот на прилозите што ги испраќа за вестите на Гласот на Америка како дописник од Скопје - но не можам, како слушател да не протестирам на квалитетот на тонот на тонските изјави што ги вградува во нив.

За споредба, тонот на изјавите што се емитуваат од Вашингтон и изјавите од прилозите на Станковиќ се разликуваат како глас снимен со дигитален рекордер и врвен микрофон и глас чуен на батериски транзистор со подиспразнети батерии, купен за 100 денари на Зелено пазарче. Така утрово звучеа, на пример, изјавата на Џорџ Буш во прилогот од Вашингтон и изјавата на Антонио Милошоски испратена од Скопје, која звучеше како да ја снимил од звучникот на домашниот телевизор додека гледал вести на некоја од скопските телевизии.

Thursday, February 28, 2008

Леси се врати дома

Таман помислив дека врз моето маало се спуштила некоја поведра аура, резимирајќи дека месец-два живеам во опкружување што е 100% Velija free - еве ти беља: Велија се вратил на Телекабел!


Но, и покрај фингираниот граѓански бунт и брдото обвинувања на сметка на кабелскиот оператор објавени во неговите медиуми, Леси реши да се врати дома, откако виде дека клиентите на Телекабел веќе заборавија дека постои неговата телевизија и покрај разните совети на кој оператор да се префлите или - како за 30 денари да си купите разделник, со кој ќе можете истовремено да ги гледате и А1 (терестријално) и програмите од кабелска.


Но, падот на рејтингот, бездруго значи и пад цената на рекламниот простор на телевизиите, што, секако, е доволна причина земјоделскиот лидер со остри гестикулации да си ја преиспита одлуката ко попче, како што не додржа долго, па по недела-две се пишмани и повторно почна да објавува владини реклами во весниците, и покрај тоа што јавно и надмено се откажа од нив.


Ексик. Тоа ти е. Останува уште да видиме до кога ќе не’ остави 66,66 % Velija free и кога повторно ќе почне да ги дистрибуира Време и Шпиц во бакалниците што не прифатиле да бидат дел од ланецот Хедис.

Thursday, February 21, 2008

Секирации

Можеби рејтингот не им е висок колку рејтингот на информативните билтени на другите телевизии, но некако посебно симпатични ми се вестите на Телма, со стариот или со новиот визуелен дизајн - се’ едно.

Не дека нешто посебно ми се атрактивни содржините и не дека нешто многу им се разликува агендата од вестите на другите - моето срце најмногу го пленија самите водители, со нивното држење додека си ја вршат работата.

Кога подобро ќе подразмислам, мојата љубов кон нив наједноставно би се нарекла - емпатија, гледајќи колку се насекирани, небаре светот пропаднал - просто, чувствувате како нешто ве стега помеѓу градите и гркланот.

Погледнете ја оваа палета од насекирани водители - и, за секој случај, земете си по едно марамче.

Thursday, February 7, 2008

Колумните во Вест

Една од работите што ми се допаѓаат кај Вест е односот на весникот кон коментирањето и начинот на кој редакцијата ги пласира ставовите и мислењата. Главно тоа се прави преку провокативните наслови и насловни страници и преку единствените, ДВЕ колумни, кои се објавуваат само во саботното издание на весникот.

Колумната „Сакам да кажам“, чиј автор е главниот уредник Горан Михајловски, е успешен пример за луцидно и инвентивно коментирање на дневно-политичките настани што се случиле во седумте дена меѓу двете изданија на весникот и е одличен контрапункт на давеж-коментарите на луѓето од колумнистичката естрада, што се објавуваат во саботните изданија на другите весници. Од друга страна, Сакам да кажам е одлична поткрепа на слоганот на весникот: Читај и мисли слободно.

Приказна за себе е втората колумна во весникот, Евтини приказни на Биљана Секуловска. Единствениот коментар за неа би бил: Вест има две колумни - Сакам да кажам и Сакам речам, незнам кажам.